„Алтернатива како партија нема да исчезне во никој случај. ДУИ многу бргу ќе замине во историјата, а Алтернатива ќе го наследи сиот електорат на ДУИ.“ – со оваа порака кон ДУИ се обрати Амир Идризи во својата колумна со наслов „Исчезнување на Алтернатива нема да се случи“, која ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА.
Според содржината на својата колумна, пишувајќи и во име на Алтернатива, Идризи тврди: „Исчезнување на Алтернатива како партија нема да се случи ниту ако остане во опозиција, ниту ако влезе во власта, ниту пак ако остане сама, независно од тоа што денес сите партии без исклучоци посакуваат такво нешто. Во блиска иднина ние ќе бидеме носител на процесите кај Албанците како најголема партија, што ќе го наследи сиот електорат на ДУИ. Тој електорат и Албанците како надеж ја гледаат само Алтернатива. ДУИ ќе замине во историјата многу бргу, сакала или не сакала. Ние штотуку започнавме.“
Инаку, оваа колумна е објавена денес, на еден ден спроти состанокот на Централното претседателство на партијата на Африм Гаши, закажан за утре во 18 часот. Раководството на Алтернатива ќе расправа за две опции: учество во Владата, односно влез во парламентарното мнозинство, или останување во опозицијата. Останува да се види дали ставовите во колумната на Амир Идризи се само негово „соло – истапување“ во јавноста во сегашниот момент на пројавени внатрешно – партиски разногласија во Алтернатива, или можеби и навистина одразуваат одредено стојалиште на оваа албанска опозициска партија. Прашање е и на каков одек би можеле да наидат ставовите во колумната кај Демократската унија за интеграција, која ќе треба да биде учесник во извршната власт евентуално и со Алтернатива, ако се донесе таква одлука утре.





