Тежок товар денеска врз себе ќе имаат ракометарите на Металург кога од 17.30 ќе го започнат натпреварот со Спортинг Лисабон во рамките на групата Д од Лигата на шампионите. Тежината доаѓа од податокот дека ова е трето коло, а сините немаат ни победа, ни бод, па ако и денеска не успеат да ги обезбедат, тогаш возот замина, а карванот само што тргнал. Средбата се игра во Борис Трајковски и е прв дел од ракометниот пакет кој овој викенд во нашиот главен град содржи и средба на Вардар со Загреб од истото натпреварување, но и женски квалификациски меч на Македонија и Србија. Двете се предвидени за утре.






