Ракометарите на Вардар го забележаа и четвртиот пораз во низа во Лигата на шампионите, овојпат од 34:31 кај Пик Сегед, но мечот ќе го паметат Тимур Дибиров, кој ја надмина границата од 1.000 гола во елитното натпреварување, и голманот Мартин Томовски.



Левото крило на „црвено-црните“ повторно беше прв стрелец во својата екипа со 7 гола за вкупно 1.004 во ЛШ, а Томовски запиша 13 одбрани, некои од нив вистински бравури, но, нивниот забележителен настап не го надомести отсуството на Тоту и на Моралес.

И по седум одиграни кола двократниот европски првак, за кој Гаџа постигна 6 погодоци, а Ѓукиќ додаде 5 во својот најдобар меч во вардаровиот дрес, ќе остане шести во групата А со петте бода од првите три одиграни средби.

Македонскиот и унгарскиот тим ќе се сретнат повторно веќе в четврток од 20:45 часот во арената „Јане Сандански“ во Скопје.