Ова го стеснува просторот за повлекувањето на ветото за старт на преговорите на Македонија со ЕУ до крајот на годинава и покрај најавениот нов пристап во разговорите со Скопје, оценуваат македонски и бугарски политички аналитичари.
Победничката коалиција на изборите во Бугарија, „Промената продолжува“ (ПП) има капацитет и визија за формирање влада, но ги чекаат тешки преговори со коалициските партнери – Бугарската социјалистичка партија (БСП), Демократска Бугарија (ДБ) и Има таков народ (ИТН).
Бугарскиот политиколог и професор на софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, Огнен Минчев во однос на можностите за формирање влада од победниците на ноемвриските избори за МИА посочува дека ситуацијата сама по себе е слична на резултатите од изборите на 11 јули.
„Кирил Петков и Асен Василев се уште немаат своја партија, но се потрудија на своите листи да ангажираат луѓе од помладите генерации со добро образование и постигнати резултати – успеси во нивниот кариерен развој. Слабата врска меѓу двајцата лидери и оваа група стручни професионалци кои ги номинираа за пратеници може да биде проблем на долг рок.
Од денес главен проблем на двајцата победници ќе бидат преговорите со уште три партии, со кои сметаат дека е единствено можно формирање влада“.
Политичкиот аналитичар Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис од Скопје за МИА коментира дека проблемот е што поради четирипартитната соработка, преговорите кои ќе се одвиваат преку експертски групи ќе одземат време, што нам не ни оди во прилог во смисла на тоа дека советите во рамки на словенечкото претседателство со ЕУ во декември ќе поминат.







