Професионалниот модератор Сеат Исмаил во име на семејството Бајрам одржа прес-конференција во врска со синоќешната акција на Министерството за внатрешни работи во подрумските простории на Градскиот трговски центар, каде што беше пронајдена опрема за „копање“ криптовалути.
– Компјутерската опрема во изнајмените простории во ГТЦ е согласно законот, увезена е во нашата земја и уредно е платена царина. Изнајмениот подрумски простор се користи како магацински простор каде што се врши сервисирање на компјутерската опрема, а потоа сервисираната опрема се подготвува за извоз – изјави Исмаил.
Полицијата, пак, која вчера влезе во подрумските простории на браќата Бајрам во ГТЦ, преку соопштение информираше дека за броилата, кои се во приватна сопственост, не е утврдена кражба на електрична енергија. Истовремено во полициското соопштение не се наведува дали при проверката е најдена компјутерска опрема за „копање“ криптовалути.
„Не постојат елементи за сторено кривично дело, бидејќи копањето на криптовалути не претставува кривично дело предвидено во Кривичниот законик“, се вели во соопштението на МВР.
Денеска се огласи и ЕВН од каде што инфромираат дека тие носат струја до главната трафостаница на ГТЦ, а самиот ГТЦ потоа ја распределува електричната енергија до сопствениците и до закупците на деловен и магацински простор.
„Тоа значи дека делот на мрежата која е во сопственост на ЕВН, уредно ја регистрира и ја фактурира потрошувачката на ГТЦ. Останатиот дел од мрежата, односно внатрешната инсталација, не е во сопственост и надлежност на ЕВН“, наведено е во одговорот од ЕВН.





