По дебаклот во Бугарија, партијата на Каракачанов ја „загуби“ и Македонија

Покрај катастрофалниот резултат во Бугарија, ВМРО-Бугарско национално движење на поранешниот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов доживеа неуспех и во Македонија, каде што во претходните изборни циклуси освојуваше најмногу гласови.



Овојпат мнозинството од бугарските државјани што живеат во Македонија се определија за ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов, кој во коалиција со СДС победи во повеќето од седумте избирачки места, а ВМРО-БНД само во Кавадарци и во Штип.

Без Охрид, од каде што нема податоци, ГЕРБ-СДС во Македонија освои вкупно 168 гласа, ВМРО-БНД 113, Продолжуваме со промените 62, Демократска Бугарија 53 итн.

На парламентарните избори во јули партијата на Каракачанов и на европратеникот Ангел Џамбаски во Македонија освои 37 проценти или 96 гласа, втора беше ГЕРБ со 62, а трета Има таков народ на Слави Трифонов со 22.

ВМРО-БНД победи во Македонија и на изборите во април, кога доби 216 гласа.