САД и Романија се договорија заедно да ја градат првата мала модуларна нуклеарна електрана во Романија. Во Вашингтон е соопштено дека употребата на технологијата на мали модуларни реактори (SMR) ќе даде клучен придонес во декарбонизацијата на енергетскиот сектор во Романија.
Двете земји уште во 2020 година потпишале спогодба за соработка за зајакнување и модернизација на романската цивилна нуклеарна програма. Белата куќа соопштува дека со изградбата на првата SMR нуклеарна електрана, во соработка со САД и приватната американска компанија NuScale, најмодерната цивилна нуклеарна технологија ќе стигне во тој важен дел на Европа.
Од кабинетот на романскиот претседател прецизирано е дека модуларниот реактор ќе почне да произведува електрична енергија од 2028 година.
NuScale е американска приватна компанија од сојузната држава Орегон, која произведува и продава мали модуларни фисиони реактори. За разлика од класичните, големи реактори, малите модуларни реактори се произведуваат индустриски а потоа благодарение на нивните димензии и маса, се транспортираат на локацијата на идната централа и таму се инсталираат. (Порта 3)






