Петре Шилегов се огласи за прв пат после поразот на изборите

Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, за прв пат по поразот на локалните избори се огласи. Тој се пофали со проект кој се реализираше за време на неговиот мандат.



Шилегов не напиша ништо конкретно на својот фејсбук профил, само објави фотографија од еден свој реализиран проект, а тоа е проширувањето и реконструкција на булеварот Никола Карев.

Овој проект се реализираше во две фази, a градежните работи се извршуваа на потегот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин Поток, во вкупна должина од 980 метри. Со овој проект постојниот коловоз е проширен на четири сообраќајни ленти, со разделно зеленило и нови мешани пешачко-велосипедски патеки од двете страни.

„Станува збор за исклучително фреквентна сообраќајница која е најмногу искористена од жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба, но како транзитна сообраќајница, користена е и од оние што само минуваат низ овој дел на градот. Оваа сообраќајница ќе се надоврзе и на новата клучка кај Момин Поток чија изведба ќе почне наредната недела, а со нејзиното завршување очекуваме значително да се намали сообраќајниот метеж во овој дел од градот“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

На булеварот Никола Карев, во втората фаза од реконструкцијата, изведена е и нова атмосферска канализација и потпорен ѕид во должина од 690 метри, а поставено е и ново лед осветлување од двете страни. Вкупната инвестиција во втората фаза на овој проект изнесувала околу 160 милиони денари.

Минатата пролет Градот Скопје ја заврши првата фаза од реконструкцијата на булеварот Никола Карев, на потегот од клучката кај Бит-пазар до крстосницата кај касарната „Илинден“ во вкупна должина од 1.440 метри.

Инаку, фотографијата на Петре Шилегов на социјалната мрежа фејсбук предизвика бројни реакции од неговите следбеници.

Голем дел од нив беа позитивни, во смисла дека Шилегов е еден од најуспешните градоначалници на главниот град и дека реализирал бројни проекти, па до негативни, во смисла дека граѓаните не му ја дале довербата, па сега бадијала ги презентира своите градоначалнички остварувања.