Управниот суд денеска реши да ја прифати тужбата на Беса за избирачкото место 2107 во Општина Желино по што таму ќе нема прегласување.
Со оваа одлука за градоначалник е избран Блерим Сејди, кандидат на Беса.
Пресудата со која се потврдуваат резултатите од гласањето во вториот круг во Желино, ја донесе Совет на Судот, во состав: Имсале Хасани – претседателка, и членовите Газменд Фејзуљи, Тања Терзиева, Валентина Конеска и Едита Насковска.
Формално сега се потврди дека Сејди победил со 69 гласа предност пред ривалот од ДУИ, Фатмир Изаири.
Одлуката на ДИК минатата недела да го прифати приговорот на ДУИ за Желино, што доведе до прегласување, Беса го употреби како повод да се придружи на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица во обидот да се урнат СДСМ и ДУИ.
Генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа, во петокот го обвини коалицискиот партнер ДУИ дека им забиле нож во грб со приговорот за Желино.
„Мојот став е јасен и чист, и да одлучи партијата дека треба да се продолжи со ова владејачко мнозинство, јас како министер нема да бидам дел од тоа владејачко мнозинство. Колку и да велат дека ова е емотивна реакција, човек живее за принципи и не можам да се гледам со тие луѓе на маса кога се подготвени нож во грб да му забодат на коалициски партнер кој цела година буквално со сите неправилности стоел само заради големата слика. Очигледно, ДУИ не ја интересира големата слика туку повеќе другите работи, како што е ова со Желино, да направи кризи и слично. Мислам дека е време пополека и тие да се подготват да менуваат“, рече Хоџа.






