Денес е 8 ноември – ден кога православните христијани го слават Митровден, еден од петте најголеми христијански празници.
Празникот му е посветен на великомаченикот Свети Димитрија, наречен Солунски, роден во Солун во 270 година од н.е., како син единец на солунскиот војвода-градоначалник.
По смртта на татко му, императорот Максимилијан го поставил Димитрија на истото место – градоначалник и притоа посебно му препорачал да ги гони христијаните. Меѓутоа, Димитрија не само што не ги гонел, туку и јавно ја проповедал верата во воскреснатиот Исус Христос. Штом слушнал за тоа, царот, враќајќи се од еден поход, свратил во Солун, за да ги испита гласините околу споменатиот случај. Го повикал Димитрија, кој не ја одрекувал својата вера та дури се обидел да го убеди во тоа и императорт.
Максимилијан притоа се разгневил и го фрлил Димитрија в затвор, а по неколку дена наредил и да го погубат. Некои солунчани христијани го земале неговото тело и чесно го погребале според христијанските обичаи.
На тоа место подоцна била подигната црквичка, а подоцна и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти. За овој празничен ден постои верување дека спроти Митровден секој треба да биде во својата куќа, бидејќи ако не биде дома, цела година ќе преноќува по туѓи куќи.
За Митровден исто така се верува дека денот претскажува каква ќе биде зимата што доаѓа подоцна. Имено, ако на 8 ноември денот е сончев, наводно зимата ќе биде блага, со исклучително малку студени денови. Ако пак на Митровден падне снег, се верува дека снегот ќе се задржи се’ до април.
Освен вообичаениот обичај на носење леб и вино в црква (каде се осветува лебот), празникот традиционално се одбележува во семејството. Вечерта пред празникот се прави „заслуг“ (од заслужување) или „кана“ (од канење), при што поблиските се канат со лепче. На денот на славата се дава ручек на кој се служат мрсни јадења, освен ако празникот падне во ден кога се пости. Исто така, по повод празникот на гости се оди и следниот ден, претпладне.
На Митровден својот именден го празнуваат: Димитар, Димитрија, Мите, Димо, Димко, Димана, Димка, Димитрина, Митра, Митре… Нека ни е честит и вековит Митровден!








