Лесно може да ја урнат владата, но тешко ќе направат нова – смета лидерот на НСДП Тито Петковски по вчерашната најава на опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица и АА дека со БЕСА имаат ново парламентарно мнозинство.
–Оставката на премиерот повлекува оставка на цела влада и тогаш ситуацијата е иста како и при евентуално изгласување на недоверба на владата. Вчерашниот настан што се случи поради револтот на БЕСА за Желино не значи ништо ако на седница 61 пратеник не изгласаат недоверба на владата. Тоа верувам дека лесно може да го направат, но сметам дека истата структура тешко ќе формира нова влада, поради личните и концепциски разлики – изјави Петковски за Фокус.
Лидерот на владејачката НСДП додава дека доколку новото парламентарно мнозинство не добие мандат од претседателот на државата и не избере нова влада во собранието, тогаш на сила останува да функционира постоечката влада.
–Доколку не може да се избере нова влада, тогаш неминовни се нови предвремени парламентарни избори. Нивното организирање од пржинска влада е политички договор вметнат во закон, но, според мене, таква влада и не мора да се формира бидејќи Уставот не ја препозната а тој е највисок акт – истакнува Петковски.





