Точи: Зелените лисја не можат да се спасат од пожолтувањето и паѓањето на есен!

„Зелените лисја на летото пожолтуваат и паѓаат на есен. Тоа е процес, од кој не се спасува ниедно растение.“ – напиша на својот фејсбук – профил Арта Точи, професорка на Факултетот за јазици, култури и комуникации на Штуловиот универзитет во Тетово. Таа беше пратеничка и заменик – министерка за надворешни работи од редовите на Алијансата за Албанците, но во септември 2020 година се повлече од овие две функции и едновремено ја напушти и самата Алијанса на Албанците.



Пренесувајќи ја оваа објава на професорката Точи, информативната агенција на албански јазик ИНА нагласува дека „таа со иронија нагласува дека не постои растение, кое може да се спаси од овој процес.“

Точи и ИНА не конкретизираат дали фразата „зелените лисја“, можеби ја означува „зелено – еколошки“ ребрендираната Демократска унија за интеграција на Али Ахмети. Останува во областа на претпоставките и дали „пожолтувањето на тие лисја“ го означува токму претстојното заминување на ДУИ во опозиција, сега, „на есен“, по навестеното уривање на се уште актуелната Влада на Република Македонија.

„Не постои растение, кое може да се спаси од овој процес“ – дали можеби професорката Точи со оваа алузија порачува дека „не постои партија, која може да се спаси од паѓањето од власт и од заминувањето во опозиција“, целејќи и на ДУИ и на секоја друга политичка партија во Македонија?