„Пет дена по најавата за оставка од партиската и државната позиција Зоран Заев се консултира со коалиционите партнери за иден наследник. Од три партии кои се во владината коалиција за РСЕ потврдија дека најчесто споменувани имиња се министрите Филипче и Спасовски. Од СДСМ засега не коментираат“- анализира Slobodnaevropa.mk.
„Десетина имиња се споменале на досегашните одделни средби на премиерот Зоран Заев со помалите коалициски партнери за можен иден премиер. Заев, кој ја најави својата оставка по поразот на локалните избори што се одржаа во неделата, деновиве интензивно комуницирал на одделни средби со сите партии за да се утврди кандидатот за мандатар ,кој потоа би станал и премиер, откако ќе го поддржи мнозинство од 62 пратеници кое се тврди дека е сигурно.
Министерот за здравство Венко Филипче и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, велат извори на Радио Слободна Европа биле најчесто споменуваните имиња на средбите како можни идни премиери и истовремено лидери на СДСМ. Ова го потврдија од три помали коалициони партнери кои биле на одделни состаноци“ – стои во анализата.
Извори од СДСМ за Слободна Европа не сакале да коментираат наведувајќи дека се уште е рано за конкретното име кое ќе го замени Заев на двете позиции, премиерска и лидерска во партијата.
Но, од помалите коалициони партнери велат дека на средбите биле споменати и поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, министерот за правда Бојан Маричиќ и македонскиот амбасадор во НАТО Дане Талески.






