Движењето Беса, кое се уште формално е дел на владејачката коалиција, денес на седница на своето централно претседателство ќе одлучи дали да ја напушти таа коалиција. Беса имаше четворица пратеници. Но, со изборот на нејзиниот лидер Билал Касами како градоначалник на Тетово таа партија остана со тројца пратеници, оти испразнетото место на Касами во заедничката листа ќе го пополни пратеник од СДСМ. Сепак, и со тројцата преостанати пратеници излегувањето на Беса од владината коалиција ќе значи конечен пад на Владата, бидејќи ќе се растури актуелното парламентарно мнозинство и ќе се распадне едновремено и поддршката за Владата во Парламентот.
Генералниот секретар на Беса и министер за земјоделство Арјанит Хоџа за ТВ 21 изјави дека тој „лично е да се напушти Владата“: „За ова ќе се зборува на Претседателството на партијата. Ако ме прашувате за мојот личен став, јас сум да се напушти мнозинството“.
Претходно Хоџа на својот фејсбук – профил имаше напишано: „Желино, кое роди една партија (како Движењето Беса), може да биде и Желино, кое урнало една Влада“.
Овие најнови турбуленции во Беса, поврзано со можното уривање на парламентарното мнозинство и Владата на Република Македонија, уследија откако врз основа на поднесените приговори од вториот изборен круг Државната изборна комисија одлучи во Желино, Тетовско, да има прегласување за градоначалник. Таму разликата во гласови во предност на кандидатот на Беса пред кандидатот на ДУИ во Желино беше 69 гласа. Беса има право на жалба до Управниот суд, но не се знае дали одлуката на судот ќе влијае на нивната одлука за напуштање на коалацијата со СДСМ.
Аднан Азизи, еден од основачите на Беса во ноември 2014 година заедно со Билал Касами и Арјанит Хоџа, и едновремено актуелен директор на „Македонски железници“, реагирајќи во врска со одлуката да се прегласува во Желино, со што би се довела под знак прашање можната победа на нивниот кандидат за претседател на оваа голема и важна селска општина во тетовскиот регион, на својот фејсбук – профил напиша:
„Уривањето на зулумот започна во Тетово, а во Желино ќе го добие завршниот смртоносен удар.
Од утре започнува одбројувањето на деновите на власта на зулумќарите, алиас ДУИ и крајот ќе дојде толку бргу до крајот, што ќе се урне како кула од карти
Големиот залак останува во грлото!
Желино е црвената линија, не поминувајте ја воопшто.“





