Фудбалерите на Вардар наскоро ќе треба да излегуваат за загревање на теренот на Леркендал стадионот во Трондхајм. Таму од 19 часот започнува мечот на Розенборг и нашиот првак кој е дел од вториот круг во групата Л во Лигата на Европа. Тешко е да се прогнозира што ги чека, со каква сила ќе се соочат во Норвешка, црвено црните и има ли тука простор за славје или барем за реми. Во нашиот тим сметаат дека има.



„Ние веруваме во нашиот квалитет и веруваме дека можеме да стигнеме до позитивен резултат“ вели тренерот на Вардар, Чеде Јаневски.

Со победа, реми и еден пораз Вардарци се на ново четврто европско гостување во оваа сезона со таа разлика што до сега се беше во делот на елиминациите, а ова е веќе групна фаза. Таа започна лошо и за нас и за противникот. Ние трпевме со Зенит, тие настрадаа во Сосиедад, па ова е шанса за поправање на лошиот впечаток од стартот. Значи, Вардар од 19 часот игра кај Розенборг во средба од второто коло во 12-тата група во Лигата на Европа. Во исто време во нашата конкуренција се среќаваат и Зенит и Реал Сосиедад.