„Во партиските органи на Алтернатива има незадоволство поради лошите резултати, особено во општините во скопскиот регион, во Куманово и Липково. Не се исклучува можноста да се разговара за нечија одговорност во врска со тоа“ – јави ТВ Алсат по вчерашната седница на Претседателството на оваа албанска опозициска партија.
„Партијата Алтернатива не донесе никаква одлука на синоќешната средба на тесното претседателство. Оттаму најавуваат дека во наредните денови партиските тела ќе расправаат за резултатите од локалните избори и за другите актуелни случувања на политичката сцена. Потоа ќе го соопштат својот став.“
„Во текот на оваа недела нема да има конкретни одлуки. Од Алтернатива велат дека сè што се зборува во јавноста е шпекулација и обид за притисок врз партијата. Во меѓувреме, Алсат дознава дека по завршувањето на вториот круг од изборите, во партиските органи има незадоволство поради лошите резултати, особено во општините во скопскиот регион, во Куманово и во Липково. Затоа не е исклучена можноста да се разговара и за прашањето за одговорност.“ – информираше ТВ Алсат.
Инаку, околу настапот на Алтернатива на локалните избори новинарот Суат Саќипи во својата колумна објавена на портал на албански јазик „Прес онлајн“ искоментира:
„Најголем загубар на овие локални избори е партијата Алтернатива, која не успеа да победи во ниедна од албанските општини!
Како партија со четири пратеници во Парламентот, со два до три медиуми врз кои има влијание, како и со неколку невладини организации, Алтернатива потфрли на многу лош начин!
Во ‘Ченто’, од каде што доаѓа нејзиниот лидер Африм Гаши во првиот круг оваа партија освои само 500 гласови наспроти 1600 гласови на ДУИ, што беше недоволно да добие ниту еден советник во Советот на општина Газибаба!
И во вториот изборен круг Алтернатива потфрли во општина Студеничани, поддржувајќи го на подмолен начин кандидатот на ДУИ!
Сметам дека грешките, кои ги направи првиот човек на оваа партија Африм Гаши со неговите непромислени изјави во јавноста, ја доведоа оваа партија во таква состојба!
Дали ќе даде оставка лидерот на Алтернатива и дали ќе се консолидира оваа партија останува да се види во наредните денови!“





