Фактор: Буџетот за 2022 е 4,4 милијарди евра – веројатно ќе го троши Техничка Влада

„Буџетот на Македонија за 2022 година е премногу тежок, дури 4,4 мијарди евра. Тоа е најголемиот буџет досега. Само од данок на додадена вредност е планирано да се наплатат една милијарда евра. За социјала ќе се дадат повеќе од две милијарди евра. Постои голема веројатност дека со ваквиот буџет ќе управува техничка Влада.“ – се наведува во анализата објавена на информативниот портал за економија и бизнис „Фактор“.

„Фактор“ објавува: „Народните избраници ќе имаат многу работа во следните 20 дена. Треба да прочитаат 513 страници буџетско четиво, кое вчера доцна попладнето стигна во Собранието. Освен што е распослан на толку многу страници, Буџетот за 2022 година е и премногу тежок, дури 4,4 милијарди евра, или најголемиот буџет на земјава досега. Од Собранието велат дека дополнително ќе известат кога Буџетот ќе се најде на матичната Комисија за финансирање и буџет, каде по десетдневната расправа, овој најзначаен економски акт на државата ќе оди на пленарна седница. Дадени се пет дена за расправа.“

„Претстојниот период од 20 дена колку што им стои на располагање на пратениците за разгледување, тие ќе го искористат и за подготовка на бројни амандмани, што особено важи за опозициските народни избраници. Владата го подготвувала овој буџет пред да има сознанија за тоа каков ќе биде исходот од локалните избори, на кои победа прогласи опозицијата, што, пак, предизвика оставка на премиерот Зоран Заев. Тоа значи дека постои голема веројатност оти со ваквиот буџет ќе менаџира техничка Влада.“

„Кој и да треба в година да управува со собирањето и трошењето на народните пари, факт е дека пред себе ќе има прилично амбициозна агенда. Да собере приходи од 3,88 милијарди евра, а со оглед што се планира да се потрошат дури 4,43 милијарди евра, тоа да се направи паметно и рационално: Треба и да се обезбедат кредити за покривање на буџетскиот минус, но и за враќање на стари заеми, за што, всушност, се планирани неколку вида обврзници.“

„Владата одобрила расходи од 4,43 милијарди евра, што е за 59 милиони евра повеќе од ребалансираниот буџет за оваа година. За тековни расходи ќе отидат дури 3,8 милијарди евра. Во нив значаен дел заемаат трошоците за плати и надоместоци, дури 531 милиони евра или 18 милиони евра повеќе од ребалансираниот буџет за оваа година. Овој раст на сумата за плати се должи на зголемените плати за здравствените работници, судството, обвинителството, културата, кои се предвидуваат за следната година.“

Владата ветува: ќе ги контролира новите вработувања во администрацијата.


„Расходите за исплата на плати, кои се проектирани на ниво од 32,7 милијарди денари, при што останува определбата за оптимизација на администрацијата преку контрола на новите вработувања.“, се вели во предлог буџетот. ‘Расходите за стоки и услуги се проектирани на ниво од 20,6 милијарди денари, односно намалени за околу 6 отсто како резултат на фискалната консолидација и сведување на минимум на оперативните трошења преку Буџетот. Во рамки на овој износ се обезбедени неопходните средства за здравствена заштита на населението, обезбедување на потребните средства за набавка на вакцини, како и исполнување на НАТО стандардите’ – велат од Владата во предлог буџетот.“

„Близу половина од целиот буџет оди за социјалните трансфери. Оваа расходна ставка со буџетот за 2022 година ја надминува психолошката граница од две милијарди евра и ќе тежи 2,024 милијарди евра, што е зголемување за 30 милиони евра во однос на ребалансираниот буџет. За пензии вгодина ќе се потрошат 1,05 милијарди евра, или 28 милиони евра повеќе од планот со буџетот за годинава. За здравствена заштита ќе одат 586 милиони евра.“

Буџетскиот минус ќе ‘тежи’ 545 милиони, а ќе се финансира од домашни извори, но и од различни видови обврзници. За стапката на инфлација од Владата во буџетот не се потрудиле многу да објаснат како ќе амортизираат некаков ценовен удар. Излегуваат со планирана стапка на инфлација од 2,4 отсто, иако признаваат дека инфлацијата е зголемен ризик. Но, очекуваат и смирување во втората половина од идната година.“ – објавува „Фактор“