Се интензивираат средбите меѓу владините партнери, кои треба да решат дали ќе предложат нов мандатар, односно дали се за зголемување на парламентарното мнозинство, пред Зоран Заев да ја депонира оставката од премиерската и од лидерската функција во владејачката СДСМ. Владини извори потврдиja за „Слободен печат“ дека Заев треба да има состанок и со лидерот на опозициската Алтернатива, Африм Гаши, за окрупнување на владината коалиција. За денеска е најавен состанок на премиерот во заминување со лидерот на Беса, Билал Касами.
Очекувањата се дека најдоцна до крајот на следната недела ќе биде познат новиот мандатар, по што Заев ќе ја ефектуира оставката до Собранието. Од кабинетот на премиерот завчера потврдија дека Заев нема намера да одолговлекува со поднесувањето оставка од државната и од партиската функција, по информациите дека е постигнат некаков договор тој да остане на функцијата до декември годинава.
Сепак, продолжува неизвесноста за тоа дали власта ќе го зголеми мнозинството и дали сега Заев ќе ги убедува владините партнери Али Ахмети и Касами да прифатат нов мандатар, бидејќи двајцата лидери, затечени од оставката на премиерот, остануваат на позицијата дека тој треба да ја предводи Владата.
Од двете партии велат дека нивните позиции се непроменети и дека за нив е неприфатлива оставката на Заев, но нејасно е дали ова ќе значи и предвремени парламентарни избори наместо избор на нов мандатар и влада со постојното парламентарно мнозинство.





