Таравари: Потребни се предвремени парламентарни и техничка, или експертска Влада – Заев и Ахмети ќе потонат заедно

Арбен Таравари, генералниот секретар на Алијансата на Албанците и новоизбран претседател на општина Гостивар, изнесе став, исто како и ВМРО ДПМНЕ, дека е потребно одржување предвремени парламентарни избори, а во меѓувреме оти треба да се формира техничка или експертска Влада, која ќе има обврска тие избори да бидат фер и демократски. Таравари не верува дека Зоран Заев ќе ја повлече својата дадена обврска. Во врска со спротивставувањето на лидерот на ДУИ Али Ахмети на оставката на Заев Таравари коментира дека Заев и Ахмети се грижат еден за друг и тоа ќе биде причина двајцата да потонат заедно во „нивниот брод“. Овие ставови Арбен Таравари ги изнесе во изјава дадена за весникот на албански јазик „Лајм“.

Во својата вест со наслов „Таравари: Предвремените избори се прашање на времето – Заев и Ахмети загубија во пет најголеми градови“ информативната агенција на албански јазик ИНА го пренесува одговорот на Таравари за „Лајм“ на прашањето: „ВМРО ДПМНЕ денес побара предвремени парламентарни избори. Кој е вашиот став?“

„Таравари: Уште од ноќта по локалните избори се знаеше дека треба да се одржат предвремени парламентарни избори. Сум кажал во неколку мои истапувања дека не се знае само кога ќе се случи такво нешто, во мај или октомври идната година. Партиите на власта ДУИ и СДСМ загубија пет најголеми градови: Скопје, Тетово, Гостивар, Битола и Куманово. Не е спорно дека треба да се одржат предвремени избори, само е прашањето о овој период да се формира техничка или експертска влада, или да се создаде ново парламентарно мнозинство сега од партиите – победници во овие општини, кои ќе имаат обврска да ги организираат идните парламентарни избори, кои треба да бидат фер и демократски и без злоупотреба на државните институции. Бидејќи, се знае дека тие институции се БДИ-изирани.“

Во својата информација со наслов „Таравари: Заев е познат како нестабилен политичар, но не верувам дека ќе ја повлече оставката“ весникот „Лајм“ на својот портал ги поместува одговорите на Арбен Таравари на уште две важни прашања, содржани во неговата изјава.

„Лајм’: Како го коментирате тактизирањето на Заев со оставката?
Таравари: Заев е познат во јавноста како многу нестабилен човек, кој умее неговите изјави да ги смени и по 3 – 4 пати во текот на денот. Но, не верувам дека може да ја повлече својата оставка по оваа толку голема загуба на изборите. Ако ја повлече, само тој губи. Тоне бродот на Заев и Ахмети. Заев е првиот што го напушти бродот, давајќи оставка. Се надевам дека ќе се случи истото и со Ахмети. Веќе е неспорно дека се урива ова парламентарно мнозинство.“

„Лајм’: Зошто инсистира ДУИ Заев да не се повлече од позицијата претседател на Владата?
Таравари: Станува збор за режим, хибриден режим. Ова не го велам јас, туку го кажуваат релевантни меѓународни институции, кои имаат многу забелешки дека државата е криминализирана и коруптирана. Ова го рече и Бранко Црвенковски, поранешниот претседател на државата и поранешен претседател на СДСМ. Тоа го велат и многу меѓународни институции и за корупцијата и криминалот во државата, оти криминалците се грижат еден за друг. Значи, Заев го чува, го поддржува Ахмети на изборите, а сега Ахмети не сака да допушти одлуката да биде само на едната страна. Но, дефинитивно тонењето ќе биде на двете партии заедно, на нив двајцата заедно.“