„Штом го загуби и Тетово, ‘главниот град на Албанците, а едвај победи во Кичево само со донесување гласачи од албанската дијаспора, сега партијата на Али Ахмети ќе треба да се преиспита колку е и натаму ‘победничка партија кај Албанците. ДУИ ќе треба и да ги ‘прочита’ пораките, кои ги пратиле граѓаните од локалните избори. Ваквото свое преиспитување ДУИ ќе може да го стори најлесно на – нови парламентарни избори.“ – констатира весникот „Скопско ехо“ во својот коментар, што го објави под наслов „Се редат функционери од ДУИ со објаснувања дека не требаат предвремени избори “.
Скопско ехо“ пишува: „Усно кажаната оставка на премиерот Зоран Заев е главна преокупација на политичарите во Македонија. Едни бараат таа да се ефектуира и да се достави до Собранието, а други дека оставката треба да се заборави и да се тера по старо. Најгласни да нема оставка се од ДУИ. Првиот синоќа вицепремиерот Артан Груби изјави дека интегративците сметаат оти оставката е избрзана.“
„Недвосмислено дадовме поддршка на политиките на Владата на премиерот и на цела владина коалиција за продолжување со европската и реформската агенда на Владата“ – рече Груби по синоќешната средба на владините коалициски партнери.“
„Денеска се огласи и Бујар Османи“
„На државата не ѝ требаат предвремени избори, бидејќи земјата ќе влезе во политичка криза.’ – вели министерот за надворешни работи Османи. Претходно, пред вториот круг на локалните избори и партискиот лидер Али Ахмети порача дека Заев избрзал со најавата дека е подготвен да даде оставка оти ова биле локални а не парламентарни избори.“
„Очигледно, на интегративците не им се оди на нови избори и би сакале актуелната Влада да продолжи и натаму, најверојатно до истекот на мандатот. Но, дали тоа беше и пораката на граѓаните од изборите, па и на оние од албанскиот политички кампус? Се анализираат ли гласовите и пораката на гласачите? ДУИ се уште се смета за главна партија кај македонските Албанци?“
„Забележавме зголемување на поддршката. Да имаше парламентарни избори ќе имавме 18 пратеници’ – истакнува денеска Османи. Но, сепак останува фактот дека ДУИ го загуби Тетово, кое самите го прогласија како ‘главен град на Албанците’ во Македонија. Изборите покажаа и дека одамна не можат да победат во Гостивар, едвај со носење гласачи од дијаспората победија во Кичево…“
„Значи, ДУИ самата треба да се преиспита колку и понатаму е ‘победничка’ партија кај Албанците и какви се пораки пратиле граѓани на неделното гласање. Таквото преиспитување е најлесно да се направи на нови парламентарни избори.“ – заклучува „Скопско ехо“.





