МКД: Падна премиерот, паѓа и владата

По вчерашните резултати од вториот круг на локалните избори и убедливиот пораз на кандидатите на СДСМ, премиерот Зоран Заев поднесе оставка и од премиерската функција и од лидерската во СДСМ. Тоа повлекува и оставка на неговата влада, пишува МКД.Мк.



Во членот 93 од македонскиот Устав пишува дека „…оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата… Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот ѝ престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада“.

Формално-правно, премиерот и актуелната влада продолжуваат со работа сѐ додека шефот на државата не го довери мандатот за состав на Влада на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Потоа, новиот мандатор во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, треба на Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата, пишува МКД.мк.