Хабатула Ахунџада, мистериозниот врховен лидер на Талибанците, првпат се појави во јавноста. Според Ал Арабија, Ахунџада им се обратил на талибанците во Кандахар, град во јужен Авганистан.
Ахунџада е духовен лидер на талибанците од 2016-та година, но се крие од јавноста, дури и откако тие ја презедоа власта во Авганистан. Неговото долго криење предизвика низа шпекулации за улогата што ќе ја игра во новата влада на Авганистан, па дури се шпекулираше дека е мртов.
Како што пренесува Ал Арабија, тој вчера посетил верско училиште во Кандахар за „да им се обрати на своите лојални војници и следбеници“, рекоа талибанските власти. При неговото обраќање, безбедноста била на исклучително високо ниво, а засега нема фотографии или снимки од настанот, но талибанците објавија десетминутна аудио снимка од неговиот говор на социјалните мрежи.
Во својот говор тој не спомнал политика, туку само религија. Тој побарал Божји благослов за раководството на талибанците и рече дека се моли за талибанските маченици, ранетите борци и за успехот на талибанската влада, за која рече дека е „на голем тест“.
Некогаш бил исламски свештеник во Кандахар и врховен талибански судија. На таа позиција, се верува дека донел пресуди како што се јавни егзекуции за убијци и прељубници и ампутации за осудените за кражба.
Тој се осврнал и на прашања како што се легитимноста на самоубиствените напади и исправноста на борбата против Исламската држава, која се обидуваше да воспостави присуство во Авганистан. Тој побегнал во Пакистан во 2001-ва година и таму предавал во верските училишта, пред повторно да им се придружи на талибанците. Мансур лично го предложил за свој наследник во тестаментот.





