Локалните беа и референдум за Македонија и оставка на Заев – се бара привремена Влада и брзи парламентарни

Пишува: Свето Тоевски



Овие локални избори во Република Македонија за мнозинството на македонскиот народ беа и референдум за враќање во живот на Република Македонија, како и референдум против политиките на Зоран Заев и СДСМ. Секако, своја голема важност имаше и изборот на нови градоначалници, односно претседатели на општини и и членови на советите на општините, бидејќи од тоа зависеше не само натамошното градење локална инфраструктура во општините и селата, туку и градењето на новиот сооднос и распоред на политичките сили во Македонија. Поразот на Зоран Заев и неговото повлекување од позицијата премиер беа она што мнозинството на Македонците сакаа да го видат.

(Не)функционирањето на општините според теркот на граѓаните и нивните потреби, како и страотното осиромашување и влошување на социоекономската состојба и кај голем дел и кај албанскиот етникум, исто така, беа причини што и тие побараа промени во начинот на раководење и работење на локалните власти, како и поправично распределување на поприлично скудните, веќе испокрадени општествени богатства. Во овој контекст потсетуваме на зборовите на Фатмир Лимани, независниот кандидат за градоначалник на Кичево од првиот круг на локалните избори, кој потоа спроти вториот круг се огласи со поддршка за кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, нагласувајќи дека, ако тој биде избран како градоначалник, тогаш ќе биде побарано од него „јавно да се заколне дека нема да краде и оти нема да го злоупотребува народното богатство.“

Не стара „реорганизирана“ Влада, туку нова привремена Влада

Притиснат од катастрофалниот пораз, Зоран Заев беше принуден да даде оставка и како премиер и како лидер на СДСМ Заев. Имајќи ја предвид кристално јасно изразената политичка волја на мнозинството на македонскиот народ Заев да се повлече од кормилото на извршната власт, несфатливи се и неприфатливи видните обиди да се изигра таа волја на народот со некаков координативен состанок во Владата меѓу премиерот во оставка Зоран Заев и лидерите на партиите, кои се дел од владејачката коалиција. Пред состанокот беше соопштено дека „ќе се разговара за оставката на премиерот и изборот на нова влада, станува збор за првични разговори за нов премиер и состав на нова Влада.“

Беше цитиран Заев, кој имаше речено пред овој координативен состанок: „Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено.“ По завршувањето партиите од владината коалиција се изјаснија против оставката на Заев. Но, не се прашуваат тие партиите во врска со вакво клучно прашање, туку македонскиот народ, сите граѓани на Македонија, кои бараат час поскоро оставката на Заев да биде претворена од зборови во дело.

Зоран Заев и целата негова Влада повеќе немаат политички легитимитет ниту кредибилитет. Тие не ги застапуваат повеќе интересите ниту на Македонците, ниту на Албанците, или на припадниците на кој било друг етникум во Македонија. Не е потребно „реорганизирање нова Влада“, а уште помалку е потребна „помош“ на Заев во оваа насока. Нема никаков политички легитимитет и кредибилитет ниту СДСМ, за да се избира нов мандатар од неговите редови. Мнозинството на македонскиот народ со резултатите од своето гласање на локалните избори јасно порача дека не сака да ја види оваа партија на челната позиција во извршната власт, бидејќи таа се грижеше и се грижи и натаму многу повеќе за државно – националните интереси на Грција и Грците и на Бугарите и на Бугарите, а најмалку, или воопшто не, и на Македонија и Македонците.

ВМРО ДПМНЕ има народен мандат да формира нова, привремена Влада

Победувајќи во најголем број општини, ВМРО ДПМНЕ е сега најповикана како партија се да стори да се операционализира таа народна македонска волја, но и волјата на широките маси на сите други граѓани на Македонија, да се запре паѓањето на државата во бездната, коешто веќе и започна. ВМРО ДПМНЕ и албанските опозициски партии имаа најавено создавање ново парламентарно мнозинство веднаш по завршувањето на овие локални избори. Сега е моментот да се започне тоа да се направи. Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицковски и пратениците на оваа партија мора да издејствуваат во Парламентот час поскоро да се констатира оставката на Заев, што значи и на сиот негов владин кабинет. Нема да има политичко оправдување претседателот Пендаровски да му доделува на кого било од СДСМ мандат да формира нова влада, а со тоа во „сенка“ да продолжи да ја спроведува политиката на Заев.

Значи, по заминувањето на сегашниот владин кабинет од извршната власт веднаш ќе мора да се пристапи кон формирање привремена Влада, која ќе биде делумно експертска, делумно политичка. Македонија се наоѓа во катастрофална енергетска ситуација, населението е исто така во катастрофална социоекономска ситуација. Државата е пред банкрот, а економијата пред колапс. Мора да се преземат серија интервентни мерки да се спречи натамошно драматично влошување на овие процеси.

Авторот на овие редови смета, на пример, дека мора и во Македонија, исто као во Албанија, да се прогласи вонредна состојба поради алармантната енергетска ситуација. Иако со ограничен временски мандат и со ограничени, само со технички надлежности, таквата привремена Влада ќе мора се да стори да го спаси населението од огромните поскапувања на струјата, да не се дозволи тие да се случат. Потоа, треба да се запре со третирањето на Охридското Езеро како да е вештачка акумулација за производство на струја… Темелна финансиска ревизија ќе мора да утврди што (не) останало во државниот буџет… Многу работи ќе треба да се реализираат во оваа обездржавена територија со партиско – приватизирани институции, туѓи на обичниот граѓанин, за да нештата се доведат во колкав – толкав ред и да се создадат поподносливи услови за живот.

Нова класа политичари „вооружени“ со македонизам против анационалниот заевизам

Премиерот во оставка Заев тврди дека не се потребни предвремени парламентарни избори. Напротив, таквите избори се апсолутно потребни, за да конечно се трасира натамошниот пат на возобновената Република Македонија. ВМРО ДПМНЕ ќе ја има обврската да издејствува вакви предвремени избори и распишување термин кога тие ќе може да се одржат најбргу. Потребна е нова класа на политичари, „вооружени“ со македонизам, кои ќе го преземат кормилото на македонската држава и кои ќе бидат доволно храбри и способни постапно, но во релативно краток временски период да и го вратат името Македонија на таа држава. Категорично тврдиме дека ова не е политичка утопија, неостварлива замисла. На локалните избори ВМРО ДПМНЕ доби мандат да раководи со 42 општини, но и мандат да ја „прочита“ оваа порака и барање на мнозинството на македонскиот народ, искажани на тие избори. И да ги спроведе во дело.

Бирачкото тело веќе се искажа дека бара нова класа и на локални политичари, кои ќе бидат многу повеќе способни менаџери на единиците на локалната самоуправа, на нејзината администрација, наместо како што правеа во изминатите мандати не мал број градоначалници, односно претседатели на општини, кои како „партиски комесари“ на оваа или онаа политичка партија „газдуваа“ со општините како што ќе решат партиските лидери и елити спротивно на интересите на граѓаните.

Судејќи според првичните реакции од страна на граѓаните, можеби и се веќе избрани нови такви локални политичари во значителен дел од општините, но останува во праксата да ги покажат и да ги докажат своите способности. Бирачкото тело во земјата на локалните избори порача дека се потребни и нови концепти во раководењето и развојот и на општините, суштествено поразлични одошто ги има сега во праксата на локалното живеење.