„Не можеш да зборуваш за партнерство, а да ѝ забиваш нож в грб на Бугарија, која ја нарекуваш стратешки партнер“, им порача на САД поранешниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во врска со македонското малцинство.
Реакцијата на лидерот на софиското ВМРО доаѓа по поставеното прашање од републиканската конгресменка Клаудија Тени до заменик-помошникот државен секретар задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во една од поткомисиите на Долниот дом за правата за здружување на македонското малцинство во Бугарија.
„Амбасадорот на САД во Софија тесно соработува со своите европски партнери на самото место за да овозможи ваквите прашања да добијат внимание. Во основата на соработката со нашите европски парнери е не само заедничкиот интерес, туку и заедничките вредности. И сè што ги нарушува тие односи предизвикува наша голема загриженост“, ѝ одговори Ескобар на Тени во дискусијата пред поткомитетот.
На ова Каракачанов реагира со остар тон кон САД, но и со навреди кон Македонија.
„Не сметам дека ваквите пораки од САД се во духот на партнерството и на почитувањето кон земјата за која тие тврдат дека е нивен стратешки партнер. На претставниците на американската администрација треба да им се напомене дека Република Бугарија е суверена држава и се управува во согласност со нејзиниот Устав. Бугарското уставно уредување не претпоставува никакви колективни права, малцински партии итн.
Со вакви изјави, САД можат да добијат аплауз од политичката врхушка во една мала, корумпирана и тотално антидемократска држава, каква што е Северна Македонија, но убеден сум дека конечно ќе ја загубат довербата на Бугарија – земја со илјадагодишна историја, со мудар народ и со клучна важност на картата на Европа“, напиша Каракачанов на Фејсбук, пред да го искритикува Ескобар.
„По последната неубава изјава на почитуваниот од мене, но очигледно некомпетентен за балканските прашања Ескобар, нека не се чудат САД зошто 75 проценти од населението во Бугарија ги симпатизира Русија и руската политика“, им порача на Американците првиот човек на партијата што во двата последни циклуса вонредни избори во Бугарија не го прескокна прагот за влез во Собранието.






