Институциите постапуваат незаконски кога од граѓаните бараат да приложат Извод од книгата на родени не постар од 6 месеци, пишува Порталб.мк.
На секој извод од матичната книга на родените што го издава Управата за водење на матичните книги (УВМК), на задната страна има печат на кој пишува дека „Изводот од матичната книга, е јавна исправа со неограничен рок на важење“.
Но, и покрај тоа, Управата за водење на матичните книги има усвоено интерна наредба за да не се прифатат изводите кои се постари од шест месеци со образложение дека има граѓани кои ги менуваат податоците и не ги евидентираат и со тоа можат да направат голема штета.
Универзитетската професорка, Ана Павловска, вели дека таквата наредба е спротивна на законот и дека документ не постар од шест месеци може да се бара само кога се работи за извод од книгата на венчани, бидејќи тоа го предвидува и Законот за семејството и во никој случај не треба да се бара извод од матичната книга на родените не постар од шест месеци. Тоа, според професорката, не треба да го прави ниту една институција.
„Нивните упатства, или инструкции, како и да ги наречат внатрешните акти, доколку некој го постави прашањето за нивната законитост пред Уставниот суд, тие ќе бидат укинати. Такво нешто нема во ниту една држава. Изводот од матичната книга на родените е извод од матичната книга на родените, нема потреба ниту од шест месеци, ниту од шест години. Еднаш се раѓа, еднаш се добива име, презиме, матичен број итн.
Ист е случајот и со државјанството, тука нема што да се бара старо шест месеци или ново. Може да се бара само во случај на извод од матичната книга на венчаните. Има случаи кога на нашите граѓани кои се родени во странство им бараат да донесат од таму, на пример извод од матичната книга на родени не постар од шест месеци, и Германците се смеат. Кај нив нема такво нешто и не им даваат, бидејќи не им треба втор сертификат, се чудат“, вели професорката Павловска. (Извор:МЕТА)






