„Иселувањето е најтешката болест на Албанците во Албанија, Косово, во албанските простори во Македонија, Црна Гора и во Прешевската долина. Тоа го загрозува албанското битие, албанското суштествување во Македонија, Прешевската Долина и во Црна Гора. Во овие држави Албанците имаат голема загуба на територии. Ако продолжи вака, таму нема да има повеќе Албанци за десеттина години.“ – констатира Мухамет Келменди, професор по историја на државата и правото на високошколската институција „ААА колеџ“ од Косово“, едновремено и политички аналитичар, во својата колумна, која ја објави весникот на албански јазик „Бота сот“ од Косово под наслов „Иселувањето – тешката рана на Албанците“.
Д-р Келменди пишува: „Општествената и економската ситуација, односно невработеноста и семејната несигурност за иднината, се главниот чинител за напуштање на родните места. Покрај ова, во Прешевската долина, Македонија и Црна Гора постои и политички притисок, голем притисок. Многумина се уапсени и осудени. Полицијата се однесува на криминален начин кон Албанците. Овде имаме изгубено многу албански историски територии. На пример, општината Медвеѓа во Србија, Санџак – областа меѓу Србија и Црна Гора, до границите со Косово и Албанија, потоа општините Плав, Гусиње и Рожаје во Црна Гора. Ваква е ситуацијата и со Албанците во Македонија. Преспа, Скопје и Куманово се целосно загубени.“
„Невработените се иселуваат во странство во потрага по работа. Се проценува дека легално или нелегално повеќе од еден милион Албанци од Косово и Албанија се низ Европа. Албанските села се празнат. Ниту во Албанија ниту во Косово веќе 30 години населението не расте. Тоа население се намалува во голема мера. Се очекуваат уште подраматични случувања натаму, поради тоа што нема мерки за подобрување на ситуацијата. Надвор од Албанија и Косово, во Прешевската долина, во Црна Гора и во Македонија веќе имаме жестока словенизација.“
Колумнистот изнесува серија предлози за подобрување на социоекономската ситуација на Албанците во Косово и Албанија, како и за зголемување на кривичната одговорност за криминалот, криминалците и корумпираните. Во заклучниот дел на својата колумна вели: „Сосема е поинакво прашањето во Прешевската Долина, Македонија и Црна Гора. Таму албанските маси се изложени на жесток напад и се претвораат во муслимани и Словени. Во врска со ова овде одговорност имаат и Албанија и Косово, но не пројавуваат таков интерес. Помошта таму треба да биде економска, културна, во образованието, во политиката. Во таквите држави кај што има и Албанци треба да се интервенира официјално и да се запре дискриминацијата. Единствена мерка е реципроцитетот, заемноста во однос на Србија, Црна Гора и Македонија. Со оваа мерка ќе се зачува локалното и историското население на овие албански територии.“





