Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер на Бугарија, Бојко Борисов, кој предлага проблемот со Македонија да се реши по примерот со Албанија, односно со ставање на Бугарите во Уставот, тврди дека албанскиот премиер Еди Рама му потврдил оти во неговата земја има бугарско малцинство.
„Лично зборував со Еди Рама. Му велам: ‘Има ли бугарско малцинство?’. Тој вика: ‘Има’. Му реков: ‘Добро Еди, стави ги во Уставот’ и Албанија доби не 100, туку 1.000 проценти од нашата поддршка“, рече Борисов пред претставници на здруженија на Бугари од Македонија.
На седницата на албанскиот парламент од 3 октомври 2017 година за Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија, на која присуствуваа и претставници на две македонски здруженија, тогашниот министер за надворешни работи Дитмир Бушати се спротивстави на барањето од Бугарија.
„Од ’45 година, кога пописот беше спроведен за прв пат, до 2011 година, што е последен попис, нема идентификувано други малцинства, освен малцинствата наведени во овој закон, односно 8 малцинства“, рече тогаш Бушати, наведувајќи ги грчкото, македонското, српското, црногорското, ароманското, ромското и малцинските заедници на Бошњаците и на Египќаните.
Само десетина дена подоцна, по заканата на Бугарија со вето за евроинтеграцијата на Албанија, Бушати го смени своето мислење за непостоење на бугарско малцинство во земјата и тоа е признаено првпат во историјата на албанската држава.
На последниот попис од 2011 година во Албанија, пак, се регистрирани грчко малцинство со 24.243 поединци, ромско 8.301, ароманско (влашко) 8.266, македонско 5.512 и црногорско 366.






