Во Клиниката за инфективни болести во Скопје денеска од Ковид-19 почина 17-годишна пациентка од околината на Демир Хисар, најмлада жртва од почетокот на епидемијата на заразната болест во Македонија во февруари минатата година.



Ученичката од трет клас во Средното медицинско училиште во Битола била дијабетичар и не била вакцинирана, соопшти Министерството за здравство, а во битолската клиничка болница првпат се јавила на 18 октомври, осум дена од првите тегоби.

„Пациентката е доведена во болницата со ниска сатурација, со температура од 40 степени, со отежнато дишење и со болки во мускулите. Тие симптоми ги имала неколку дена пред да побара лекарска помош во болницата во Битола“, се вели во соопштението.

Девојката е задржана во болницата и поставена на постојана кислородна поддршка, а поради сериозноста на состојбата, возраста и коморбидитетот веднаш е организирано префрлање на Инфективната клиника во Скопје, каде што е доведена на 19 октомври.

„Пациентката е лечена мултидисциплинарно поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот ден нејзините витални параметри драматично се влошија, што доведе до срцево-белодробно попуштање. И покрај сите преземени дијагностички, терапевтски и реанимациски мерки, пациентката почина денеска во раните утрински часови“, се додава во соопштението на Министерството за здравство.