„Зелениот’ рапер Груби потфрли – сега е ангажиран деецот за обединета Албанија Ќемали“

„Стратегијата на ‘односите со јавноста’ на Артан Груби во кампањата во првиот изборен круг беше неуспешна. Затоа ДУИ сега спроти вториот изборен круг ‘фул’ го ангажираше Исмаил Ќемали, качен на коњ, заради освојување на гласовите на албанското бирачко тело. Не му е лесно на Ќемали, иако е починат пред 100 и повеќе години.“ – констатира информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа во врска со изборната кампања на Демократската унија за интеграција за годинашниве локални избори. Анализата е објавена под наслов „Откако потфрлија зелените патики на Артан Груби, ДУИ за вториот круг го ‘воскресна’ Исмаил Ќемали!“.

Инаку, Исмаил Ќемали во албанската историографија има третман на „национален деец за одбрана и обединување на албанските простори на Балканот“ и тој е човекот ,кој ја прогласил независноста на Албанија на 28 ноември 1912 година во градот Валона.

„Журнал“ пишува: „Рап’ музиката и зелените патики беа имиџот на ДУИ во првиот изборен круг. Автор на овој имиџ беше потпретседателот на Владата Артан Груби. Но, оваа стратегија веројатно пропадна, бидејќи ДУИ помина полошо во општините каде што Груби рапуваше со зелените патики отколку во општините каде што тој беше помалку присутен. Тоа се потврдува и во стратегијата за кампањата на ДУИ меѓу двата изборни круга. Сега спроти вториот изборен круг Артан Груби е многу помалку присутен отколку во првиот круг. Дури и и таму каде што е присутен се појавува посериозно, а не со зелени патики ниту со ‘рап’ видео – клипови.“

„Ова е доказ дека стратегијата на Артан Груби во првиот круг се покажа како погрешна. Затоа беше неопходна промена. Сега е во преден план претседателот на ДУИ Али Ахмети. Но, откако стратегијата за односи со јавноста на Артан Груби беше прогласена како ‘умрена’ од првиот круг, сега е воскреснат Исмаил Ќемали. Качен на коњ, Ќемали е вклучен ‘фул тајм’ во кампањата на ДУИ преку профили на активисти на оваа партија на фејсбук. Но, и Исмаил Ќемали е изненаден од кампањата на ДУИ. “

„Неговите славни зборови и изреки за Албанците ДУИ сега ги користи во кампањата. За да освои гласови во Гостивар, ДУИ синоќа употреби и турски знамиња како украс, како да се ‘интегристите’ јаничари на султанот. А пустиот Исмаил Ќемали е во неволја и не знае како нив да ги дефинира – како ‘Албанци синови на Албанци’, или како ‘Арнаути чија крв станала вода“

„На Исмаил Ќемали не му е лесно. Да, на живите им е тешко, а камоли на Ќемали, кој почина пред 100 и повеќе години.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.