„Неделата ќе биде денот на третата голема албанска победа. Ускана мора да остане град на Албанците, таа е’чистиот идеал’ на Албанците, сон на секој албански патриот.“ – ова е наведено во една колумна под наслов „Поздрав до кичевчани од Исмаил Ќемали“, која ја објавија информативната агенција ИНА и други медиуми на албански јазик во Македонија. Не е наведено кој е автор на оваа колумна, која е дел од големата навалица на слични текстови во овие неколку денови, објавени од автори во Македонија, од раководители на Албанско – американската дијаспора во САД и од Европа, со поддршка за кандидатот од ДУИ Фатмир Дехари за градоначалник на Кичево на гласањето во вториот круг на локалните избори.
Исмаил Ќемали, споменат во „поздравот до кичевчани“, во албанската историографија се третира како „основач на современа Албанија, национален деец за одбрана и обединување на албанските простори наспроти стремежите на монархиите на Балканот за распарчување на тие простори, како и автор на Декларацијата за независноста на оваа држава и човекот кој ја прогласи таа независност на 28 ноември 1912 година во Валона.“ Во тие „албански простори“ е замислено дека се наоѓа и западниот дел на денешна Република Македонија.
Во колумната објавена на порталот на ИНА пишува: „За да се владее со еден народ прво тој треба да биде разделен. Но, неделата е блиску и постои една изрека, една порака која оди до умовите и срцата на секој голем Албанец: тоа е пораката за единство. Таа порака е КИЧЕВО. Тоа мора да остане град на Албанците и така ќе биде и овој пат. Тоа е местото каде што започна секое албанско движење, секоја благородна мисија, секоја голема национална цел и секако Албанците нема да дозволат скапата Ускана да падне во рацете на оние, кои го се направија за да ја преземат повторно.“
Инаку, со терминот “Ускана“ – име на некогашен антички град во колината на Кичево –во последно време во албанските медиуми се повеќе се потиснува од употреба официјалнииот македонски топоним „Кичево“.
„Ускана не му припаѓа само на Фатмир Дехари, туку таа е многу повеќе од тоа. Тој град е сон на мачениците, сон на секој патриот, кој го бранел и кога било полошо. Ускана е чистиот идеал на Албанците, една барикада која никогаш нема да се скрши лесно. Неделата на големата победа е блиску. Тоа е ден на една голема албанска победа во пресрет на албанските ноемвриски празници.“
„Во понеделник пак ќе ја најдеме Ускана обоена албански, црвено-црна. На тој град не му прилега друга боја. Другите знамиња ја немаат истата величина. Оној ден кога го освоија овој град, Кичевчани не клекнаа на колена, туку се мобилизираа и дојдоа од секаде, за да го поразат она што не е албанско. Сега е време за трета победа, поголема отколку што може да се замисли бидејќи Кичево беше, е и ќе остане на Албанците и на Фатмир Дехари.“ – се наведува во оваа колумна објавена спроти вториот круг на локалните избори за градоначалник на Кичево.





