Основното Јавнo Oбвинителство презема мерки за проверка на тврдењата од партијата ВМРО-ДПМНЕ која обвинува поголема група на полицајци дека по налог на Заев и Спасовски, вршат серизони изборни заплашувања, закани и малтретирања – пренесува Телма.
-Информациите во врска со дадените наводи за кои прашувате се доставени до надлежното основно јавно обвинителство со насоки истите да се проверат и доколку се утврдат елементи на сторени кривични дела да се постапи согласно законските надлежности. Воедно, ја потсетуваме јавноста дека во функција е електронската адреса izbori@jorm.mk на која можат да пријават сомнение за сторено кривично дело поврзано со изборите и гласањето, им одговориле од ОЈО на новинарите на Телма.
Од државното обвинителство не прецизирале дали насоките се издадени на прилепското обвинителство, на чија територија според ВМРО-ДПМНЕ се случувале заканите и злосторничкото здружување на полицајците, или пак на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое има посебен оддел за да истражува кривични дела на полицајци.
Нема ниту информации дали има наредби за вештачења и за проверка на мобилни телефони или на други апарати со апликација вибер, бидејќи обвинувањата на Ковачки содржат фотографии од комуникација на вибер во група.
Од прес службата на обвинителството во одговорот стоело и дека: Комисијата за следење на изборни нерегуларности постапува по сите примени поднесоци, пријави , како и сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведувањето на изборите.





