Студеничани надвор од пакетот за соработка меѓу ДУИ и ДПА во вториот круг

„Во пресрет на вториот круг од локалните избори Демократската унија за интеграција и Демократската партија на Албанците успеале оваа недела да постигнат договор за заемна поддршка.“ – објави ТВ Клан Македонија во својата информација под наслов „Ексклузивно: ДУИ и ДПА се заедно“.



Оваа телевизија на албански јазик пишува: „Интегристите’ на Али Ахмети ја очекуваат поддршката од гласачите на ДПА на Мендух Тачи во општините каде што кандидатите на ДУИ одат на вториот круг, како во Теарце, Тетово, Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Струга, Чашка, па дури и во Чаир.“

Но, ТВ Клан Македонија во поодделна вест под наслов „Нека победи подобриот“ информира дека партиите на Ахмети и Тачи, сепак, на 31.10.2021 година ќе ги одмерат меѓу себе силите со своите кандидати за претседател на општината Студеничани: „Изборниот натпревар во вториот круг за претседател на општина Студеничани не е дел од оваа спогодба. Извори од ДУИ и од ДПА денес попладнето рекоа дека се очекува во овој натпревар да победи подобриот.“

Инаку, во Студеничани во вториот круг на локалните избори гласачите ќе треба да се изјаснат кому ќе му ја дадат својата доверба: на актуелниот претседател на општината Азем Садики од ДПА, кандидат за нов мандат на оваа функција – во првиот круг освои 3146 гласови – или на Ејуп Абази од ДУИ – во првиот круг доби 2440 гласови. Поради малата разлика може да биде значајно каде ќе одат 1 781 гласови, кои ги имаше добиено кандидатот на Алијанса и Алтернатива во првиот круг од локалните избори.