„Несфатлив е и апсурден апелот на лидерот на ДУИ Али Ахмети до албанската дијаспора да дојде во Кичево, за да гласа за нејзиниот кандидат за градоначалник Фатмир Дехари против македонскиот кандидат Александар Јовановски во вториот круг на локалните избори, со оглед на политиките на оваа партија за промовирање соживот. ДУИ чини и втор апсурд што, од друга страна, ги поддржува сите други кандидати – Македонци на СДСМ. Тука не станува збор за албанските национални интереси.“ – вели Селим Ибраими, професор по политички науки на Штуловиот универзитет во Тетово и познавач на прашањата на меѓународните односи, геополитиката и безбедноста на Балканот и Европа. Овие ставови Ибрахими ги изнесува во својата колумна под наслов „Задоцнетиот апел на Ахмети“, која ја објавија „Институтот за безбедносни студии и развој“ – Македонија, на кој тој е основач и раководител, и информативната агенција на албански јазик ИНА.
Д-р Ибраими пишува: „Лидерот на ДУИ Али Ахмети на фејсбук упати апел до печалбарите да дојдат во Кичево и да гласаат за Фатмир Дехари од ДУИ, кој сега е во изборен натпревар со противкандидатот – неговиот македонски сограѓанин Александар Јовановски. Ахмети задоцни со неговата изјава за печалбарите да патуваат во Кичево, поради сите опасности од ковид – пандемијата. Неговиот повик е несфатлив во фокусот на промовирањето на политиките на соживотот на партијата на Али Ахмети и за нејзиното владеење еднаш со ВМРО ДПМНЕ, а сега со СДСМ. Вториот апсурд е тоа што ДУИ ќе ги поддржи сите други македонски кандидати на СДСМ.“
„Сега Ахмети сака да ја ‘мотивира’ албанската дијаспора во Европа и Америка божем тука станува збор за зачувување на албанските национални интереси?! Набљудувачите на политиката во Македонија велат дека станува збор повеќе за локалните инаети на главните, раководни луѓе на Зајас и Кичево, отколку на албанската националната кауза, која Демократската унија за интеграција ја има употребувано толку многу од 2002 година.“ – заклучува Селим Ибраими во својата колумна.





