„Албанската дијаспора е мобилизирана за доаѓање, за да гласа за Фатмир Дехари, кандидатот на ДУИ. Ова го соопшти Советот на албанската дијаспора, но и кичевските здруженија од Италија, Швајцарија, Германија и други европски земји, како и од САД. ‘Кичево беше и останува албанско. Тоа е наша земја!’ – се вели во една објава на кичевската дијаспора во Австрија.“ – извести информативната агенција на албански јазик ИНА во својата информација под наслов „Дијаспората се мобилизира за Кичево: Беше и останува албанско“.
Агенцијата дополнува: „Од Изборниот штаб на Дехари изјавија дека голем број на кичевци – печалбари на организиран начин ќе дојдат да гласаат на 31.октомври 2021 година.“
Употребувајќи го името „Ускана“ – топоним кој се поврзува со антички град, што се наоѓал во кичевската котлина, наместо сегашното име „Кичево“, во едно свое писмо преку социјалните мрежи Фатмир Дехари им се заблагодарил за поддршката на „сите без разлика на етничка и верска припадност“, но посебно на „кичевската дијаспора во САД и во цела Европа“, нагласувајќи: „Обединувајќи го вашиот глас, ќе бидеме сликата на победата на градот, а никако на поединецот“ – пренесе ИНА, додавајќи во својата информација дека „во првиот круг кандидатот на ВМРО ДПМНЕ беше прв со мала предност пред кандидатот на ДУИ Фатмир Дехари“.





