„Петре Шилегов многу вети како градоначалник на Скопје, но малку сработи. Со своето гласање скопјани му кажаа дека се незадоволни од неговата четиригодишна работа.“ – констатира весникот „Скопско ехо“ во својот постизборен осврт на причините на убедливиот пораз на се уште актуелниот скопски градоначалник во првиот изборен круг од локалните избори. Освртот е објавен под наслов „Предизборното фаќање за работа на Шилегов не беше доволно за глас повеќе“.
Весникот на главниот град на Република Македонија пишува: „Повеќе илјади гласови на граѓаните е тежината на поразот, кој во првиот изборен круг го доживеа актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов од независната противкандидатка Данела Арсовска. Поразот за Шилегов е уште поголем и потежок, оти тој беше убеден и ги уверуваше скопјани дека ќе победи веќе во првиот изборен круг. Сепак, жителите на главниот град на Македонија му го испоставија на гласачките места своето незадоволство од неговата четиригодишна работа.“
„Впрочем, и пред да се гласа на социјалните мрежи јасно беше видливо дека скопјани се незадоволни од спорото реализирање на многуте ветени проекти, од кои некои не ни почнаа да се прават. Токму за многу прекопани улици и застои во сообраќајот во последниве два-три месеци граѓаните го обвинуваа Шилегов дека ‘предизборно се фатил за работа’. За нив тоа е обид да се недоместат оние работи, кои им беа ветени.“
„Граѓаните очекуваа целосна гасификација на градот, а добија исечена шума на Водно и неостварено ветување за пошумување. Очекуваа град без смог, а добија само мало подобрување. Очекуваа завршени тунел под Кале, завршена Универзална сала, ревитализација на Треска, градско парно, две нови гимназии, пешачка зона Мал Ринг, зелен коридор Серава, уредување на Аквадуктот, Луна парк, спуштена раскрсница кај „Мавровка“, колекторски систем, Централен сервис за комунални проблеми, нов мост во Ѓорче Петров на ‘Илинденска’, кружен тек во Сарај, овошје во школи… и десетици други големи проекти за градот, кои останаа само на хартија.“
„Но, граѓаните само слушаа дека ‘ќе биде, ќе биде’… Наместо тоа Шилегов им понуди помали проекти. Дури и тој самиот еднаш изјави дека ‘не е фараон, па да прави капитални проекти“.
„На новите избори Шилегов појде со продолжение на старата програма“ – вели „Скопско ехо“ и заклучува: „Останува вториот изборен круг. Шилегов пак е оптимист дека ќе победи. Останува да се почека крајот на изборите за да се види колку ваквата негова пресметка е оправдана. Причините за поразот на скопскиот градоначалник веројатно треба да се бараат и во фактот што тој на изборите практично настапи со старата изборна програма. Побара нов мандат, за да ги заврши проектите кои се започнати. Сега на скопјани пак им вети нов забавен парк, завршување на новиот булевар АСНОМ и мостот на Вардар, реконструкција на улицата ‘Перо Наков’ на булеварот ‘Киро Глигоров’, на неколку средни училишта, дигитализиран град, паметно осветлување… Тоа беа ветувања, кои скопјани очекуваа веќе да бидат завршени.“





