Поради ниската стапка на имунизација во сиромашните земји, пандемијата на ковид-19 ќе трае и во текот на 2022 година, предупредува Светската здравствена организација (СЗО).
Високиот претставник на СЗО, Брус Ејлворд, вели дека поради фактот што сиромашните земји не добиваат доволно вакцини, пандемијата на ковид-19 може да продолжи и во 2022 година.
Тој апелираше до богатите земји да се солидаризираат со сиромашните земји и да им се овозможи да набават вакцини.„Можам да кажам дека не сме на правиот пат. Навистина мораме да го забрзаме процесот на вакцинација. Во спротивно, оваа пандемија ќе трае една година подолго отколку што се проценуваше“.
Невладините организации тврдат дека, во споредба со богатите земји, во сиромашните во просек стигнува само една од седум дози од вакцината.
На африканскиот континент вакцинирани се помалку од 5 отсто од популацијата, а на останатите континенти процентот на вакцинација надминува 40 отсто.







