На патот Прилеп-Битола, полицијата вчера спречила меѓународен транспорт на марихуана, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во автомобил биле пронајдени 50 килограми дрога, која потекнува од Албанија, а чија крајна дестинација била Грција. Проценетата вредност на марихуаната е околу 200 000 евра.
Приведен е М.Ј. (31) а за случајот е известено и веќе постапува прилепското обвинителството. Како што информираше Министерството, се утврдува евентуална инволвираност во транспортот на дрогата и на други лица.
На 13 октомври МВР информираше дека пресекле меѓународен канал за транспорт на над 67,5 килограми марихуана која исто така, потекнувала од Албанија и требало да се пренесе во Грција.
Дрогата беше откриена во близина на граничниот премин „Богородица“, а вредноста и на таа количина беше проценета на 200 000 евра. Во акцијата тогаш беа уапсени шест лица: четворица државјани на Албанија и двајца на Северна Македонија.







