Олборг му врати на Вардар за поразот во Скопје

Финалистот во минатата сезона од ракометната Лига на шампионите, дански Олборг, славеше со 33:29 на свој терен против Вардар и му врати на двократниот европски првак за поразот од 30:28 во Скопје.



Вториот неуспех едноподруго по тој во дуелот со Монпелје во минатото коло ќе ги остави „црвено-црните“ на шестото место со пет освоени бода од досегашните пет одиграни средби.

Исландскиот среден бек Арон Палмарсон, кој поради повреда не играше во првиот меѓусебен дуел во „Јане Сандански“, беше творецот на победата на домашната екипа со своите 8 гола од 11 удари.

Кај гостите од Македонија се издвоија Тимур Дибиров со 9/15 и Кевин Њокас со 7/10.

Во следниот круг на 27 октомври составот на Веселин Вујовиќ ќе го пречека Кил.