Очаен крик во ноќта: Не можам напред ако го изгубиме Скопјеее – пишува Драган Милосављевиќ

Кампањата пред првиот круг од локалните избори беше повеќе или помалаку банална. Не толку црна како порано, туку повеќе сива, маглосана од безидејност и пустеж. Сега, по поразот на владејачките партии на 17 октомври и стравот од тотален изборен дебакл во вториот круг, кампањата станува лажно патетична смешка. По пораките за „крв и пот и солзи“ и речиси партизанскиот изблик за „обединување на прогресот против злото“, премиерот во оптек ја става „опасноста“ за централната власт, доколку опозицијата го добие Скопје.



„Нема напредок ако Скопје влече назад. 31 октомври не е само избор за решавање на комуналните проблеми, туку избор за тоа каде оди државата. Може државата напред ако Скопје оди напред. Не можам да водам влада напред, ако првите луѓе на градовите и селата враќаат назад, рече Заев, во одговор на прашањето како ќе продолжат доколку СДСМ и коалицијата не ја добијт подддршката што ја очекуваат.

Значи, еј вие Скопјани, плашете се, ако го изгубиме Скопје, готово е, црна ноќ ќе завладее, силни ветришта и виулици ќе го однесат градот убав. Или така некако.

Проблемот е во тоа што Скопје не може да се изгуби. Ова е витален и моќен град. Не беше изгубено ни во 1689 година кога покосено од чума, австрискиот генерал Силвио Пиколомини ги претвори во пепел неговите маала. Не пропадна ни кога германските авиони за сметка на Бугарија го бомбардираа во 1941 година. И страшниот земјотрес во 1963 година и тие неколку во вековите претходно и бројните поплави на Вардар, ете, не го сотреа стариот убавец крај Водно. Зошто пак сега да биде изгубено Скопје? Тие 700 илјади жители ќе си останат каде што се и кога Шилегов ќе отстапи од градоначалничката функција. И оние десетици илјади кои секој ден доаѓаат од внатрешноста или од околните земји, повторно ќе се прозеваат на кејот или ќе трчаат низ бројните молови, или ќе се муртат каде и да ги носи работата и задоволството. Ништо нема да биде изгубено за Скопје и скопјани, а богами ниту за Македонија.

Впрочем, СДСМ го изгуби СДСМ многу порано, можеби веќе во првите недели и месеци од работата на се уште актуелниот градоначалник, кој направи…хм, да бидеме искрени, не направи токму ништо вредно по што ќе биде запаметен. Го изгубија Скопје и во кампањата полна со ароганција, снобизам, раскошен безобразлук и потценување на противниците. Ги изгубија петте скопски општини во кои досега владееја, Бутел, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба и Ѓорче Петров, на одличен пат се да ги изгубат и Карпош и Центар, како тогаш очекуваат Скопје да им остане во рацете? Па не е метрополата вреќа со брашно за да ја изгубиш додека се дели од камион. Не е неколку шишиња зејтин, или плико со илјадарка-две, за да ти паднат од рацете додека на некој паркинг ги менуваш за гласови. И на крајот на краиштата, промената е убава работа. Демократска придобивка на која мора да се навикнеме. Конечно, ако одиме по логиката на премиерот, Данела Арсовска сигурно многу подобро ќе работи со Тимчо, Александар, Бобан, Стевчо…отколку што би работел со нив Шилегов дури и да сака, а јасно е дека не сака. Затоа премиерот не би требало да се вознемирува поради очекуваното губење на Скопје и на другите градови низ земјата. Следуваат неминовни промени како логична последица на сите „успеси“ кои ни ги приредија во последниве пет години. И без грижи за градот. Тој пак ќе никне, покрај Вардар ќе се крене, ќе го буди детски вик, и ќе брои ново време, радост ќе му краси лик.