Петре Шилегов побара поддршка во вториот круг од изборите од граѓаните, политичките партии и организации кои се на став дека Скопје мора да продолжи да се развива. Сите оние кои не излегоа да гласаат во првиот круг, ги покани да го сторат тоа на 31 октомври и да го поддржат.
„Јас силно верувам дека граѓаните ја препознаваат позитивната промена во Скопје која ја направивме за само четири години. Дека го препознаваат и вреднуваат трудот којшто го вложивме, а верувајте – не беше лесно. Скопје од град во стагнација, за кратко време конечно тргна напред. Јас верувам дека вие граѓаните ја препознавте храброста и визијата плански и стратешки да вложуваме, наместо популистички празно да ветуваме“, рече Шилегов.
Се уште актуелниот градоначалник на Град Скопје, кој во првиот круг има минус од над 7000 гласови во однос на независната кандидатка Данела Арсовска, упорно верува во масовна победа на овие избори.
„Скопје тргна напред. Верувам дека граѓаните ја препознаат визијата и храброста. Само заеднички може да го продолжиме ова што го започнавме. На Скопје му треба сила која обединува. Скопје ќе расте во единствена коалиција, а јас како градоначалник ќе бидам еден од вас во носењето на одлуките. Сите кои го имате Скопје во срцето, излезете на избори за победа. Ако во првиот круг не гласавте, на 31 октомври масовно излезете да гласате“, порача Шилегов.





