Очекувам поддршка од граѓаните во вториот круг од изборите за градоначалник на Карпош, очекувам и поддршка од опозициските сили кои учествуваа на овие избори, изјави за МКД.мк лидерот на Гром Стевчо Јакимовски. Тој вели дека според преброените гласови тој остварил предност од 227 гласови во однос на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Оливер Зафировски, кој испаѓа од трката за прв човек на Карпош. Предноста на кандидатот на СДСМ Душко Весковски, кој освои најмногу гласови, ќе биде убедливо надмината, вели Јакимовски.
„Во штабот на Гром се слави бидејќи јас влегувам во вториот изборен круг и убеден сум дека ќе се вратам на градоначалничката функција зашто ќе ја добијам довербата на граѓаните кои паметат како се работело во општината кога јас ја предводев“, вели Стевчо Јакимовски.
Тој нагласува дека неговиот пласман во вториот изборен круг е потврден уште доцна синоќа кога се споредени резултатите од аналитичките центри и на Гром и на ВМРО-ДПМНЕ, но и според сознанијата добиени од другите штабови.
„И досега добивав поддршка од симпатизери на сите политички опции кои пред се го имаат предвид развојот на општината, па така и сега очекувам за мене во вториот круг да гласаат и симпатизери на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на Левица, како и на други партии и на невладините симпатизери кои предвид ја имаат еколошката димензија“, вели Јакимовски.
Гром на Стевчо Јакимовски е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но на изборите во Карпош лидерот на оваа партија реши самостојно да настапи.





