Ирак: Била избрана за пратеник иако починала пред два месеца

Ансам Мануел Искандар од Багдад, е избрана во ирачкиот парламент на изборите што се одржаа на 10 октомври, но таа починала пред два месеци од коронавирус, пренесе телевизискиот канал Al Arabiya‎.



Ансам учествувала на изборите како независен кандидат во округот на Багдад, и со освоени 2.397 гласови добила еден од петте мандати определени за христијанската заедница во земјата според системот на квоти.

Но, таа уште летото се заразила со коронавирусот, минала повеќе од месец во болница и починала кон крајот на август.

Појавата на „мртви души“ на избирачките ливчиња наиде на остри критики во јавноста, која ги обвини ирачките власти за фалсификување на изборите, но семејството на починатата побрза да ја разјасни ситуацијата.

Роднините на Ансам објавија соопштение на Фејсбук во кое објасниле дека младата жена се кандидирала самата, не водела кампања, немала изборни плакати па дури не водела кампања ни преку социјалните мрежи, долго се борела со болеста но ја загубила битката.