Момче од Битола на возраст од 22 години е најмладата жртва меѓу 14 починати од Ковид-19 во последното деноноќие во Македонија.
Министерството за здравство соопшти дека пациентот е лекуван на Клиничката болница во Битола. Позитивен на вирусот бил на 9 октомври, а следниот ден се јавил на преглед на Инфективното одделение, кога немал знаци на пневмонија, имал зголемена температура и му била препишана терапија за домашно лекување.
Бил на преглед и наредниот ден, а на 12 октомври му биле закажани анализи, кои покажале влошени параметри и тој бил хоспитализиран. Добил кислородна поддршка, но состојбата прогресивно му се влошила и почонал на 15 октомври. Не бил вакциниран и имал зголемена телесна тежина.
Според Регистарот на умрени лица со дијагностициран коронавирус од „Мој термин“ меѓу 5 септември и 10 октомври пријавени се уште 7 смртни случаи.
Од направени 3.595 тестирања, регистрирани се 395 нови случаи.
Од почетокот на епидемијата позитивни на Ковид-19 биле 196.762 лица, од кои починале 6.922, оздравеле 183.027, а бројот на активни случаи е 6.813.





