„Професорот Енвер Битиќи побара активирање на Албанците од Македонија и од Прешевската долина. Барајќи реципроцитет, Битиќи рече дека тие треба да дејствуваат исто како и Србите на северот на Косово. Според него, само тогаш меѓународните официјални личности ќе ги сменат своите ставови за Косово, кое го критикуваат особено последниве денови“ – објави косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“, пренесувајќи став на Енвер Битиќи, професор по меѓународни односи и политички науки од Универзитетот „Александер Мојсиу“ од Драч, Албанија.
Својата подбуцнувачка реторика упатена до македонските Албанци Битиќи ја насочи против официјалните ставови на Емануел Макрон, претседателот на Франција, Мирослав Лајчак, посебниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и за дијалогот Белград – Приштина, како и против Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност, едновремено и потпретседател на Европската комисија.
Во статијата под наслов „Да се подготват да дејствуваат’ – Битиќи бара активирање на Албанците: еве како може да се принудат Макрон, Борел и Лајчак да го променат својот став“, „Бота сот“ ја пренесе исцело објавата на професорот Битиќи од неговиот фејсбук – профил: „Албанците од Македонија и Албанците од Прешевската долина имаат пригода да му помогнат на Косово, за да се ослободи конечно од српската експанзија. Тие треба да се подготват да дејствуваат еднакво како и Србите на северот на Митровица во нивните населени места! Потребен е реципроцитет, заемност! Тогаш Макрон, Борел и Лајчак ќе бидат принудени да го сменат ставот.“





