Министерството за култура и на локалните власти во Тетово потпишаа договор со кој се доделуваат 23 милиони евра во следните четири години за внатрешно опремување на објектот на новиот тетовски театар и библиотеката во градот, кој со години стои полуизграден, пишува Тетовоинфо.



„Денеска е посебен ден за Тетово бидејќи влегуваме во втората фаза од изградбата на овој важен проект. Капацитетот на културата што постои во градот во градот е поголем од постоечката инфрастуктура во културата. Сакам да им честитам на сите уметници од Тетово и посакувам да ги користат овие можности и успешно да не претставуваат не само тука во градот туку и на меѓународна конкуренција“, рече градоначалничката Арифи.

Зградата на новиот театар почна да се гради во 2014 година, на само неколку метри од веќе постоечкиот Дом на културата, кој има голема сала со 600 седишта.

Досега беа потрошени 13,5 милиони евра, а објектот вкупно ќе чини 36,5 милиони, што ќе го направи еден од најскапите објекти од културата во државата, заедно со возобновениот скопски театар од проектот „Скопје 2014“, чија цена надмина 40 милиони евра. Зградата треба да биде завршена во 2025 година, кога ќе поминат 11 години откако започна да се гради.