„При денешната акција на припадниците на косовските специјални единици на северот на Косово еден Србин е тешко ранет, а десеттици се повредени. На улиците на Косовска Митровица и во Звечане се видливи трагите од судирот и десеттици чаури од боева муниција.“ – јавија денес весникот „Политика“, информативната агенција Танјуг и Радиотелевизија на Србија.
„На вонредната конференција за новинарите директорот на Канцеларијата за Косово на Србија Петар Петковиќ рече дека во хирургиската сала во Клиничкиот центар во Косовска Митровица лекарите се борат за животот на овој Србин. Во својата изјава ПеТковиќ, исто така, кажа: „Денес претпладнето албански полицајци од јужниот дел на Косовска Митровица, заедно со специјалците на РОСУ, кои беа целосно вооружени и опремени со бојна муниција, шок – бомби, солзавец и во оклопни возила, дојдоа повторно на северот на Косово, поточно во Косовска Митровица и во Звечане. Ова е веќе седми пат специјалците на РОСУ да упаѓаат на северот на Косово и да се судираат со невооружениот српски народ. Десеттици Срби се повредени. Повод за оваа акција е наводно некакво криумчарење стока. Поправо, кога ќе видите дека целата Косовска Митровица и целото Звечане беа изложени на рафалите од РОСУ, тогаш ќе биде јасно дека станува збор за намери на косовскиот премиер Албин Курти да произведе судири од многу пошироки размери.“
„На магистралниот пат Митровица – Лепосавиќ сообраќајот беше блокиран со камиони и со насобрани граѓани кај местото Рударе. Недалеку од нив се остатоците од неколку стотици куршуми, кои ги испука косовската полиција. Полицијата веќе се повлече во своите бази.“
„Од кабинетот на премиерот Албин Курти соопштија дека денешната акција била спроведена ‘заради борба против криумчарењето’ во Приштина, Пеќ и во Косовската Митровица. Курти повика на смирување на ситуацијата во северниот дел на Косовска Митровица и кажа дека акцијата на косовската полиција е завршена“ – информираа „Политика“, Танјуг и РТВ Србија.
Б 92 денес информираше дека претседателот на Србија Александар Вучиќ одржа итна средба во воената касарна во Рашка и на таа средба кажа: „Го молам НАТО да ја врши својата работа. Ги молам и Албанците да не се обидуваат со насилство да воведуваат ред кај Србите. Но, ако се обидат, мислејќи дека со поддршката на странските сили се доволно моќни да го сторат тоа, тогаш мојот одговор ќе биде јасен – во таа борба за заштита на животите на нашите деца на Косово, за нивниот опстанок, не само што ќе ги заштитиме, туку и ќе победиме во таа борба! Денес првпат можам да го кажам ова со сигурност!“
„На оваа средба со Вучиќ претседателот на ‘Српската листа’ на Косово Горан Ракиќ изнесе дека ако и следниот пат се случи вакво нешто, тогаш Србите ќе се бранат: ‘Ќе се браниме со се и сешто, што ќе го имаме на располагање.“
„Во својата објава на фејсбук премиерот на Косово Албин Курти порача: ‘Не наседнувајте. Заради борба против криумчарењето полицијата покрена рации на неколку различни локации во Приштина, Пеќ и Митровица (и јужно и северно). На овие полициски активности им претходеа интензивни истраги и тие се координирани со надлежните обвинителства и со судовите. Запленети се стока и докази. Криминалот и криминалните групи нема да се толерираат и против нив ќе се води борба. Ќе го спречиме шверцот. Ги повикувам граѓаните во северната општина Митровица да не наседнуваат на некои медиуми во Србија, кои ги штитат криминалот, корупцијата и шверцот и кои сакаат нив да ги политизираат и да ги етнизираат.“ – јави Б 92.
Извор: https://www.politika.rs/scc/clanak/489633/Upad-kosovskih-specijalaca-na-sever-Kosova-jedan-Srbin-ranjen-a-desetine-povredenih
https://www.instagram.com/p/CU-LRaOoQpc/?utm_source=ig_embed&ig_rid=eb78d382-45b0-47ea-9d58-4b3c44a7e23d
https://www.b92.net/info/vesti/index.php?yyyy=2021&mm=10&dd=13&nav_category=640&nav_id=1935997





