„Албанците од Илирида веруваат дека локалната власт на овие избори ќе се промени, но ниту позицијата ниту опозицијата не покажаа ефекти од своето раководење со општините и не се осмелија да ги постават барањата на албанските граѓани за нормален живот.“ – пишува Медаи Шахоли во својата колумна под наслов „Рециклирање на негативците“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“.
Авторот на колумната го користи терминот „Илирида“, кој ја означува замислената нова државна творба „Република Илирида“, како политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија, во смисла како да е таа е веќе конституирана.
Шахоли пишува: „Дел од Албанците од Илирида и натаму веруваат силно во минатите парламентарни избори и во овие локални избори, веруваат во ротација на локалната управа преку своите повереници и нивните избрани официјални претставници. Но, и тие – опозицијата – исто така се испробаа во локалната власт и не покажаа никаква промена во локалното владеење во однос на локалната власт од позицијата. Постои само рециклирање негативци во фотелјите на градоначалниците.“
Во овој контекст колумнистот дополнува: „Постои и недоверба кон опозицијата и позицијата и на овие избори за градоначалници. Зошто? Затоа што и позицијата и опозицијата се испробаа со локалната власт и покажаа сервилност и покорност кон деспотите во Скопје.“
Авторот на колумната тврди дека нема економски вложувања во западниот дел на Република Македонија: „Економски инвестиции во најнеразвиените општини како што е западниот дел на земјата, каде што Албанците го сочинуваат мнозинството на населението, воопшто не се реализирани, затоа што оваа зона би ги факторизирала Албанците како партнери во бизнисот и во економијата на земјата. За таа зона власта има друга развојна агенда и платформа.“
Шахоли се осврнува на правото „улиците и плоштадите во албанските градови од Куманово до Струга да бидат именувани според личности од албанската култура и историја“: „Тие градоначалници не се осмелија да ги постават барањата во врска со правото и на албанските граѓани да имаат нормални услови и вработување за сите, исто како што тоа го имаат и нашите соседи на истокот на земјата, или да имаат минимално достоинство и можност личностите од нашата култура и историја да бидат чествувани така што според нив ќе бидат именувани улиците и плоштадите на нашите градови од Куманово до Струга.“
Колумнистот особено нагласува дека „од политички причини се уште не постои смелост во центарот на Гостиварда се постави споменикот на балистот Џем Хаса“: „Имаме претседатели на општини, кои, на пример, не смеат во центарот на Гостивар да го постават споменикот на Џем Хаса, борец од околината, бидејќи тој како балист ќе им ја расипе работата на тие градоначалници со премиерот. Или во еден друг случај претседателот на општината пред да го преземе мандатот пред изборите имал кажано дека ќе го уништи и ќе го тргне од центарот на градот споменикот на револуцијата, но откако беше избран за градоначалник не само што не ја урна та руина – остаток од комунизмот, туку ја реновираше и ја направи да биде атрактивна во фреквентниот центар на градот!“
Инаку, весникот Вечер“ во статија под наслов „За фашизмот на Џемо Хаса, од Симница“ на 9.10.2021 година на авторот Блаже Миневски објави: „Според историчарите, Џемо и неговите соработници во текот на Втората светска војна предизвикале огромни штети и големи страдања меѓу населението, односно Македонците, но и меѓу дел од Албанците, кои многу повеќе биле тероризирани, убивани, ограбувани, силувани од балистичките чети, отколку од италијанските и германските окупатори. Самиот Џемо Хаса со своите истомисленици бил соработник на окупаторските војски на Италија и на Германија, а неговата борба била насочена кон создавање Голема Албанија.“
Медаи Шахоли во заклучниот дел на својата колумна, објавена во „Лајм“, пишува: „Еве што можат да очекуваат албанските граѓани од рециклирањето на негативците и на овие локални избори: надежите со овие изгубени и глупави луѓе сега во улога на кандидати на локалните избори се избледени со оглед на минатото и нивниот став да владеат со општините според каприците и алчноста за моќ и пари!“ – заклучува Медаи Шахоли во својата колумна, која ја објави „Лајм“.
Извор: https://lajmpress.org/riciklimi-i-horrave/





