Хрватскиот македонист и поранешен почесен конзул на Македонија во Риека, Горан Калоѓера, упати честитка за Денот на востанието на македонскиот народ до сите Македонци што сè уште имаат почит за традицијата и за жртвите од Народноослободителната борба.
„Другарки Македонки и другари Македонци, вам што сè уште држите до традициите и ги почитувате жртвите од НОБ, кои го изгубија животот во борбата со германскиот, бугарскиот окупатор и со албанските квислинзи. Вие постарите поучете ги своите деца дека, ако не беше вооружената антифашистичка борба во Македонија, никогаш немаше да ја има државата Македонија. Тоа треба да го знаат и запаметат. Оттаму, искрено ви го честитам Денот на востанието 11 Октомври. Денот во кој им рековте ‘не’ на сите оние кои имаа намера да ве истребат и уништат.
Мојата почит за сите загинати Македонци и Македонки кои ги положија своите животи за да се оствари вековниот сон на македонскиот народ – слободна и просперитетна Македонија. Да живее Македонија!
другарот Горан Калоѓера“, порача почесниот член на Друштвото на писателите на Македонија.






