Реформи во судството и владеење на правото, ако сакаме во ЕУ – силен аларм од поранешен еврокомесар

„Итни реформи се потребни во судството и сериозно да се работи на владеење на правото доколку Македонија се стреми да влезе во Европската Унија“ – алармира во Брисел поранешниот еврокомесар Јан Фигел, кој два пати досега беше во Македонија за случајот „Камчев“, а неговата колумна на оваа тема ја објави угледниот „Еуропортер“. Во неа тој забележува дека земји од Западен Балкан потфрлале во клучните области уште пред да отпочнат преговори за влез во ЕУ. За Македонија да биде дел од ЕУ потребно е почитување на европските вредности, правила и стандарди.



„Во јули, извештајот на Советот на Европа го критикуваше третманот и условите за притвор на затворениците во два затвори во Република Северна Македонија, покрај лицата што беа држени од полицијата во Скопје. Во извештајот беа истакнати лошите, нехигиенски и ограничени услови и се наведува дека ситуацијата е влошена од недостатокот на активности обезбедени за затворениците“ – пишува Фигел.

И покрај тоа што дел од земјите членки ја потврдија поддршката за земјите кандидати, вклучително и Македонија, Фигел посочува дека законодавната, извршната и судската власт имаат доста работа пред да отпочнат преговорите. Потребно е да покажеме што сме презеле како земја за спроведување на казнените и судските реформи, во согласност со европските правни пресуди и прописи. Тој го посочува примерот со бизнисменот Орце Камчев и алармира – законот да важи за сите подеднакво.