Германскиот селектор Ханси Флик е свесен што ги очекува неговите фудбалери против Македонија утревечер од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје во реваншот од квалификациите за Светското првенство 2022 во Катар.
„Атмосферата во Скопје ќе биде жешка. Македонската репрезентација ќе биде целосно мотивирана. Тие сакаат да ги задржат шансите за пласман на СП и со победата која ја имаа на наш терен сега имаат поголема самодоверба. Македонија знае да игра фудбал, имаат искусни играчи во составот, па мораме да ги покажеме нашите квалитети и мислам дека тоа ќе биде решавачко. Не гледам назад во минатото. Сакаме само да ја имаме нашата филозофија на теренот, да бидеме обединети, да останеме активни. Сакаме да победиме и што е можно побрзо да го обезбедиме пласманот на Светското првенство“, изјави Флик.
Вториот меѓусебен дуел воопшто по мартовскиот во Дуизбург, кој го добија „црвено-жолтите“ со 2:1 со головите на Горан Пандев и на Елиф Елмас, од трибините ќе го следат околу 16.500 гледачи, односно половина од капацитетот на арената поради антиковид мерките.
Четирикратниот светски шампион е неприкосновен лидер во групата Ј со 18 бода, шест повеќе од второпласираната селекција на Благоја Милевски.





